Датум: 22.08.2016

Дваесет и пет годишната Сенада Сали од Тетово,  по професија меѓународен правник, веќе три години престојува во Унгарија и работи како меѓународен правник. Таа работи во меѓународна организација за човекови права со седиште во Будимпешта- ERRC , European Roma Rights Centre. Работи на случаите на дискриминација на Ромите во држави низ цела Европа. Желбата за напредок во кариерата и дообразување ја однела од Македонија во Унгарија.

„Пред се се преселив тука поради дообразување. Ми беше доделена стипендија за мастер студии на универзитетот CEU – Central European University.  Во јуни минатата година магистрирав на департманот за Меѓународни односи и европски студии меѓу најдобрите 10 студенти во генерацијата.  Пред да се доселам во Унгарија  дипломирав на Јустинијан отсек правни студии со просек 9,83.  Главен фокус на мојата работа се случаите на дискриминација на Ромите во држави низ цела Европа. Тоа вклучува случаи на полициска бруталност, повреда на репродуктивни права на жените, повреди на  права на децата сместени во домови и корективни центри, расно профилирање на граници, сегрегација во училиштата, присилно иселување, ограничен пристап до вода и здрава животна средина и слично. Случаите на кои секојдневно работам се поведени како пред  национални судови и органи- правобранител, комисија за заштита од дискриминација така и пред меѓународни тела Европскиот суд за човекови права во Стразбург и механизмите за правна заштита при Обединетите Нации“ – раскажува Сали. 

За себе вели дека е многу амбициозна личност и во идина се гледа како правник кој работи во Европскиот суд за човекови права. Од животот и работните услови во Унгарија е задоволна. Објаснува дека месечната плата на правник во Унгарија е тројно повисока од онаа на правник во Македонија.

„ Сепак, наоѓањето работа од страна на кадар кој доаѓа од земја која не е членка на ЕУ не е едноставно. Јас ја имав таа среќа да ми биде понудена работна позиција веднаш по завршувањето на моите мастер студии. Од голема помош беше фактот дека говорам 7 јазици (англиски, шпански, македонски, албански, ромски, турски и српско-хрватски). Денес сите тие јазици ги користам во мојата работа, иако главен работен јазик ми  е англискиот. Повеќето од јазиците кои ги говорам, ги научив уште како дете. Пораснав во Тетово во мултичкиетничка, мешана средина и горда сум на тоа. Моите пријатели се од сите можни етнички припадности: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци и сите подеднакво ги ценам и почитувам“ – вели младата тетовчанка.

  • Број на прегледи: 2174
  • Факти за Ромите

    • Во светот има над 12 милиони Роми.
    • Во Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66% од вкупното население. 
    • Ромите се претежно населени во градовите, така што дури 95% од македонските Роми живеат во градските средини.