Датум: 28.09.2016

Бројката на вратени Роми од македонските гранични премини изнесува скоро половина од вкупното ромско население во Македонија. Досега има девет правосилни судски одлуки со кои се утврдува дека постои дискриминација, што е добра вест за сите оние кои поминале низ ваквото искуство.

Со оглед на тоа што според последниот попис во Македонија живеат околу 54.000 Роми, бројката од 25.000 вратени Роми изнесува скоро половина од вкупното ромско население во Македонија. Според анализата на извештаите што ги изготвија FRONTEX, Бирото за демократија, човекови права и труд од САД, и Советот на Европа, до 2014 година вратени се околу 20.000 Роми од македонските гранични премини.

Со цел да се утврдат фактите за феноменот на враќање на Ромите од граница, Институтот за европска политика (ЕПИ) превзело истражување на овој проблем. Ова истражување опфаќа анализа на документи издадени од македонските власти и Европската Унија и исто така вклучува 60 интервјуа со Роми кои во изминатите 6 години биле неосновано вратени од македонските граници.

Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Но сепак, на многу Роми во нашата земја им е ограничено правото на движење, кое претставува едно од основните човекови права. На нив не им се дозволува да ги напуштат граничните премини, притоа барајќи од нив да исполнат критериуми како што се поседување гарантен лист, повратен автобуски или авионски билет, поседување одредена сума пари и слично. Овие работи законски не е потребно да ги исполнуваат, а според сведоштвата на вратените Роми, на другите граѓани воопшто не им ги бараат. Оваа појава е застапена од воведувањето на безвизниот режим, кој за жал резултираше со негативен ефект врз ромската заедница во Македонија.

Покрај губењето материјални средства кои за вратените Роми претставуваат поголем дел од нивните заштеди, овие луѓе информираат за соочување и со омаловажување и непрофесионален однос од страна службениците. На поголем дел од интервјуираните не им било дозволено да се пожалат до некој повисок службеник, а оние кои се пожалиле, биле повторно насочувани назад кај пониските полициски службеници, ослободувајќи се од одговорноста.

Посебно истакнуван е моментот кога само нивното семејство било симнувано од автобус, додека никој од друга националност не бил третиран така, алудирајќи дека се дискриминирани.

И покрај кревката доверба на Ромите во третманот на државата спрема нив, со ваквите искуства целосно се губи потребата и желбата да се бара правдата на суд. Од спроведените интервјуа, само четворица интервјуирани од шеесет, се пожалиле во соодветна институција што јасно укажува на немањето мотив за барање на правдата. Останатите причини се немањето пари за поведување постапка, незнаењето каде и како да се обратат, како и непознавањето на правата кои ги имаат.

Од спроведените интервјуа, може да се заклучи дека најголем број од Ромите се жалат до локалните ромски невладини организации кои најчесто само ги насочуваат каде да се пожалат или ги подучуваат за нивните права. Како резултат од ваквото искуство кај поголемиот број интервјуирани е присутен стравот повторно да излезат од државата за да не им се случи истото, да бидат вратени и да загубат пари и време. Секако, никој не сака да помине низ истото чувство на омаловажување.

Неоснованото ограничување на правото на движење во 21 век претставува директен удар врз македонскиот Устав но и кршење на Универзалната декларација за човекови права која во член 13 експлицитно пропишува дека секој има право да излезе од својата држава. 

Позитивно е што досега има девет правосилни судски одлуки со кои се утврдува дека постои дискриминација, што е добра вест за сите оние кои поминале низ ваквото искуство. Во оваа насока, мора да се надгради и правната рамка за обезбедување поголема правна сигурност на граѓаните при остварување на правото за слободно движење, за што се предлага и во извештајот на Народниот правобранител од 2014, кој исто така има утврдено дека Ромите се ограничени од ова фундаментално право.

  • Број на прегледи: 544
  • Факти за Ромите

    • Во светот има над 12 милиони Роми.
    • Во Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66% од вкупното население. 
    • Ромите се претежно населени во градовите, така што дури 95% од македонските Роми живеат во градските средини.