Личната и професионална биографија (CV) е клучна точка за вашето вработување. Ние ќе ве обучиме за начинот на подготвување на CV, најдобри практики и примери за сите работни струки.

Агенцијата за вработување преку центрите за вработување посредува при вработувањето. Таа воспоставува врска помеѓу слободните работни места кај работодавачите (потреба од работна сила) и барателите на работа. Агенцијата им помага на работодавачите со изнаоѓање на соодветни квалификувани лица за нивните огласени потреби од работници.

Ви ги нудиме следните услуги:

1.       Посредување при вработување

За кого е наменета оваа услуга?

Услугата е наменета за вас барателите на работа и за работодавачите кои бараат соодветна работна сила. Работодавачите ги доставуваат своите потреби од работници а Агенцијата им помага со пребарување на лица од евиденцијата на невработени лица. Прави избор на соодветни кандидати за работните места и ги упатува кај работодавачите. Се разбира, доколку е потребно, претходно преку советување во работните клубови барателите на работа ги оспособува за успешно претставување пред работодавачите.

Доколку во евиденцијата нема лица кои одговараат на потребите на работодавачот, Агенцијата за потребите на работодавачот ќе организира обука, преквалификација или доквалификација на лицата кои бараат вработување.

2.       Помош при барањето работа - советување во работните клубови

Кој може да учествува во овие активности?

Во работните клубови во центрите за вработување се добродојдени сите активни баратели на работа, значи невработени лица, лица кои од било која причина останале без работа или едноставно сакаат да најдат нова подобра работа. Од друга страна и работодавачите се исто така добродојдени во работните клубови. Какви услуги можеме да добиеме во работните клубови?

Услугите во работните клубови, главно се одвиваат преку следните активности:

• Отворена канцеларија

• Интервјуа

• Индивидуални планови за вработување

• Работилници

• Предавања

• Обуки и оспособување

3.     Отворена канцеларија

Каква услуга можам да побарам?

Отворената канцеларија е место каде што можете да добиете информации од пазарот на трудот, односно за слободните работни места, како и за вашите права и обврски како невработено лице и за активните програми и мерки за вработување и за другите услуги на Агенцијата за вработување.

Како да контактирам со отворената канцеларија?

Можете да дојдете во Агенцијата- Центарот за вработување и лично да контактирате со вработените, да се обратите писмено, телефонски или да испратите е-маил.

Како да ја добијам бараната информација?

Покрај наведените начини како директно да контактирате со вработените, постојат можности и за самоуслужување:

• Киосци за самоуслужување

• Огласни табли

• Електронски систем на информирање

• Веб порталот www.avrm.gov.mk

4.       Интервју

За да ви помогнеме во процесот на барање работа, потребно е заедно со вработените да пополните еден прашалник да разговарате за вашето образование, вештини, интереси и можности. Врз основа на интервјуто, вработените ќе ве советуваат како да ги зголемите шансите за побрзо вработување.

5.       Работилници

Каква услуга е ова?

Преку работилниците ќе ви помогнеме да направите самопроценка на вашите знаења, способности и вештини за работа. Нереалните очекувања не се добар сојузник при барањето работа. Во процесот на барање работа многу е важно како ќе се претставите пред работодавачите. Наша задача е да ви помогнеме да го направите тоа на најдобар начин, успешно да ги контактирате работодавачите и да се претставите на пазарот на трудот.

Пишувањето на барањето за работа можеби изгледа лесно, се додека не се обидете да го направите тоа. Како тоа најуспешно да го направите со јасни и прецизни барања, ќе ви помогнат нашите вработени. Низ работилниците ќе научите како да ја составите вашата работна биографија. Што е важно да нагласите во неа, а што да изоставите.

Потребно е добро да се подготвите за интервју со работодавачот. Одговорот на едноставно прашање, на пример зошто сакате да работите во нашата компанија, не е секогаш едноставен. Добро е однапред да бидете подготвени како да одговорите на можните „тешки” прашања. Успешната подготовка за интервју ви ги зголемува шансите за вработување. Вработените ќе ви помогнат во тоа.

6.       Индивидуален план за вработување

За кого е наменета оваа услуга?

За невработените лица кои активно бараат работа. Откако низ интервјуто ќе се согледаат вашите

карактеристики кои се важни за вработување, заедно со стручно лице од центарот за вработување ќе подготвите

ваш индивидуален план за вработување. Со планот ќе ги испланиранате сите потребни активности како што се контакти со работодавачите, советување, вклучување во некоја програма за подготовка за вработување или друга активна мерка за вработување, за да успешно барате вработување. Притоа е важно да ги следите потребите од работна сила на пазарот на трудот. Запомнете, Агенцијата за вработување може успешно да ве води низ процесот на барање работа.

Дали индивидуалниот план за вработување е променлив?

Овој план е насока која треба да ја следите. Се разбира, доколку се сменат вашите знаења, вештини, потреби и интереси, состојбите на пазарот на трудот, планот може и треба да се менува и усогласува со новонастанатите промени. Контактирајте го одговорното лице од центарот за вработување. Заедно ќе ги внесете промените и ќе договорите нови потребни активности.

Ако го следам својот план за вработување, дали сигурно ќе најдам работа?

Вработувањето зависи од вас и од работодавачите. Постапувајќи според насоките на планот за вработување, секојдневно ги зголемувате шансите да најдете работа, се разбира онаква каква посакувате. Упорноста води кон саканите ефекти. Не заборавајте, Агенцијата за вработување секогаш ви е на располагање.

7.       Обуки и оспособување

Курсеви за компјутери и странски јазици

Без познавање на основните компјутерски програми, тешко е да се најде добро вработување, дури и за работните места кои навидум не се поврзани со работа на компјутер. Агенцијата за вработување ангажира стручни лица кои ќе ви помогнат како да ги научите основите на WINDOWS, MS WORD MS Excel, Internet ... Познавањето на странски јазици е секогаш предност при вработувањето. Зошто да не ја искористите? Најчесто организираме обуки за англиски но и за други странски јазици за кои постои интерес од невработените лица.

Обука, преквалификација или доквалификација за познат работодавач

Оваа обука се спроведува заедно со работодавачите врз основа на нивната потреба од работници. Врз основа на барање на работодавачот, центарот за вработување му упатува лица од евиденцијата на невработени лица на подготовка за вработување. За оваа услуга е предвидена финансиска поддршка како за лицата вклучени во обуката, така и за работодавачот. По завршувањето на подготовката за вработување работодавачот има обврска да ги вработи лицата кои успешно ја завршиле подготовката.

Обуки за дефицитарни занимања

Агенцијата за вработување спроведува анкетно истражување со работодавачите и редовно подготвува Анализа на потреби од вештини на пазарот на трудот. Врз основа на тоа ги утврдува нивните потреби од работна сила. За дефицитарните занимања кои се барани на пазарот на трудот, Агенцијата за вработување заедно со образовните установи организира обуки за невработените лица. Со учество во овие обуки усвојувате нови знаења и вештини кои се бараат од работодавачите, односно се оспособувате за занимања со кои ќе имате повеќе можности побргу да се вработите. За завршените обуки добивате соодветен сертификат кој дополнително ќе ви помогне во процесот на барање работа.

8.       Професионална ориентација

Со оваа услуга ќе ви помогнеме правилно да го одберете идното занимање, согласно вашите можности и професионални интереси. Се разбира, добро е да се посоветувате со стручни лица уште при изборот на училиштето и воопшто при планирањето на вашето севкупно образование. За оваа цел нашите служби за професионална ориентација во центрите за вработување ќе ви овозможат информации за образовните установи, потребите од работна сила според состојбите на пазарот на трудот и проценките за потребите од идни вработувања. Стручни лица врз основа на вашето образование, интереси, како и врз врз основа на испитувањето на способностите и другите карактеристики на личноста, ќе ви помогнат при изборот на идното занимање или ќе ви предложат дополнителна обука за да ги подобрите своите вештини за избраното занимање.

За потребите на работодавачите службата за професионална ориентација врши професионална селекција на невработени лица за вработување или подготовка заради вработување. Услугите за професионална ориентација можете да ги добиете во Центарот за вработување на град Скопје или во некој од 8-те центри за вработување со меѓуопштински тимови.

 

Образец кој го пополнуваат сите заинтересирани работодавачи кои имаат потреба од вработување на нов работник со цел добивање на посредување при вработувањето од страна на Агенцијата за вработување на РМ. Повеќе информации на веб страната на АВРМ: http://avrm.gov.mk/obrasci.nspx

  • Број на прегледи: 1387
  • Факти за Ромите

    • Во светот има над 12 милиони Роми.
    • Во Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66% од вкупното население. 
    • Ромите се претежно населени во градовите, така што дури 95% од македонските Роми живеат во градските средини.